Skip to main content
Македонија

Тошковски: Петкратно зголемена ефикасноста во постапувањето по случаи на семејно насилство

30/07/2026  14:45

Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски го посети Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, каде непосредно се запозна со нивната секојдневна работа, предизвиците со кои се соочуваат и резултатите што ги постигнуваат.

Во периодот од 2022 до 2026 година евидентирани се вкупно 1.275 пријавени настани на семејно насилство, и тоа: 326 во 2022 година, 216 во 2023 година, по 273 во 2024 и 2025 година и 187 во 2026 година, заклучно со денес.

Податоците покажуваат и значително унапредување на ефикасноста во постапувањето. Во 2022 година по брза постапка биле процесуирани 10 случаи и изречени четири мерки на претпазливост, во 2023 година 18 случаи и седум мерки, во 2024 година 25 случаи и 11 мерки, во 2025 година 34 случаи и 15 мерки, а во 2026 година, заклучно со денес, процесуирани се 52 случаи и изречени се 23 мерки на претпазливост.

Во споредба со 2022 година, бројот на случаи процесуирани по брза постапка и изречени мерки на претпазливост е зголемен за повеќе од пет пати, што укажува на побрза, поорганизирана и поодлучна институционална реакција.

Министерот Тошковски истакна дека семејното насилство се третира со највисок степен на сериозност и дека приоритет останува обезбедувањето навремена заштита за секоја жртва, како и брза и решителна реакција кон сторителите.