
Четири лица починале од западнонилската треска во Грција од почетокот на годинава, јавуваат грчките власти, додавајќи дека сите починати биле на возраст над 65 години.
Според Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), во земјата досега се регистрирани 47 потврдени случаи на оваа инфекција што ја пренесуваат комарците. Институциите апелираат на зголемена претпазливост, особено кај постарото население и хроноболните.
Од вкупно 47 регистрирани инфицирани лица, кај 34 беа дијагностицирани сериозни манифестации на централниот нервен систем, вклучувајќи енцефалитис, менингитис или акутна флацидна парализа. Останатите 13 пациенти имале полесни симптоми или умерена форма на болеста.
Здравствените власти посочуваат дека вирусот најтешко ги погодува лицата на возраст над 65 години, кај кои имунитетот е ослабен. Ова ја објаснува статистиката каде што сите четири смртни случаи се во оваа возрасна категорија.
Случаи на западнонилска треска се забележани во повеќе општини и префектури низ Грција, особено во руралните и земјоделските средини каде што има поголема концентрација на комарци. Властите веќе спроведуваат интензивни третмани за запрашување и дезинсекција, но истовремено бараат од граѓаните да преземат лични мерки за заштита.
Здравствените експерти советуваат носење облека со долги ракави, користење средства против комарци и избегнување престој на отворено во периодот кога овие инсекти се најактивни – во самрак и во зори.
Со оглед на тоа што Грција е главна летна дестинација за македонските граѓани, здравствените информации од јужниот сосед бараат внимание и од нашите патници. Иако вирусот не се пренесува директно од човек на човек, туку исклучиво преку убод од инфициран комарец, заштитата при престој во погодените региони е клучна превенција.


