
Градоначалникот на Општина Центар и претседател на ОО СДСМ Центар, Горан Герасимовски, во гостувањето во „Вести плус” на Канал 5 порача дека клучниот чекор за СДСМ е обединување на членството, враќање на терен и градење политики заедно со граѓаните.
„Пред нас има многу работа. Потребно е повторно да ја екипираме партијата, да ги вклучиме сите луѓе кои со години придонесувале за СДСМ, без разлика дали извршувале партиски или институционални функции. Денес повеќе од кога било ни е потребно единство, искуство и меѓусебна доверба”, истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека политиката не смее да се води зад затворени врати, туку таму каде што се граѓаните.
„Во Општина Центар секојдневно сме на терен. Организираме маалски средби, буџетски форуми и ги слушаме потребите на граѓаните пред да донесеме одлуки. Истиот принцип треба да го применува и партијата – да го слушне секој член, секој предлог и секое мислење. Само така може повторно да ја изградиме довербата”, рече Герасимовски.
Тој порача дека сите различни ставови треба да бидат повод за дијалог и дебата, внатре во партијата, а не по кафеани и кулоари.
„Предизвиците со кои моментално се соочува партијата е недозволиво и нездраво да се дебатираат надвор од неа. Сите оние различности, сите ставови и размислувања, треба да се дебатираат во партиските простории”, заклучи Герасимовски.

