
Водата од изворите во охридските села Елшани и Велестово привремено е забранета за пиење, откако лабораториските анализи покажале бактериолошка неисправност, информира Општина Охрид.
Испитувањата биле извршени од ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Охрид“, при што во водата било утврдено присуство на бактеријата E.coli, како и колиформни бактерии.
По добиените резултати е донесено решение со кое се забранува употребата на водата од изворите за пиење.
Од Општина Охрид информираат дека месните заедници во Елшани и Велестово се задолжени на видливи места да постават предупредувања за жителите дека водата во моментов не е безбедна за пиење.
Надлежните апелираат граѓаните строго да ја почитуваат забраната и да не ја користат водата за пиење сè додека новите лабораториски анализи не покажат дека таа повторно е безбедна за употреба.
Забраната е од привремен карактер и ќе остане во сила до добивањето резултати со кои ќе се потврди исправноста на водата.


