
Шпанија е чекор поблиску до повторно активирање на рудникот „Пенута“, кој повеќе од четири децении беше надвор од употреба. Со новата инвестиција, Европската Унија ќе добие сопствен извор на критичните минерали тантал и ниобиум.
Она што особено привлекува внимание е определбата на инвеститорот најголем дел од придобивките да останат во локалната заедница. Компанијата најави дека предност при вработувањето ќе имаат жителите од регионот, а ќе се воспостави и партнерство со локалните институции и стопанството.
Според директорот Даниел Мамаду, целта е рудникот да придонесе за економски развој и нови можности за локалното население.
Сличен пристап беше најавен и кај проектот „Иловица–Штука“, каде инвеститорот истакна дека локалните жители ќе бидат првиот избор при отворањето на новите работни места.
Слични намери сподели и компанијата „Еуромакс Ресурсис“, кога го најави проектот во Иловица и Штука, а најголеми придобивки би имале Босилово и Ново Село, но и поширокиот струмички регион. Предвидени се 500 директни и над две илјади индиректни вработувања. Од компанијата тогаш нагласија дека ќе помогнат посебно на локалните кандидати со тоа што ќе организираат и финансираат ефикасни и сеопфатни, теоретски и практични обуки за сите работни позиции, придржувајќи се стриктно на приоритетот за локалните жители од под Огражденскиот и Струмичкиот регион. Исто така, беше потенцирано и дека над три милиони евра ќе се влеваат директно во локалните општини по основ за концесиски надоместок, што претставува 40 проценти зголемување на општинскиот буџет.
Сепак, додека кај нас инвестиции во рударството не се реализираат, шпанскиот рудник е дел од проектите кои ќе бидат помогнати и од Европската Унија, со цел контитентот да обезбеди сигурно снабдување со критични минерали.
„Европа се активираше, откако со години зборуваше за намалување на својата зависност од неколку далечни добавувачи за металите без кои нејзините индустрии не можат да живеат. „Пенута“ е едно од ретките места на континентот каде што таа амбиција всушност може да се исполни – и тоа наскоро. Оваа дозвола ни го отвора патот за одговорно враќање во живот, со реални придобивки за заедницата во Галиција и за пошироката отпорност на синџирот на снабдување во Европа“, додаде директорот на ЕТМ, Даниел Мамаду.
Рудникот се простира на 282 хектари, а минералните ресурси во областа биле експлоатирани од почетокот на 20 век до 1980-тите години. ETM соопшти дека го задржува својот рудник со отворен коп, фабрика за преработка прилагодена на нејзината руда и придружна инфраструктура – остатоци од историска инвестиција од околу 28 милиони евра.
Европа не експлоатира речиси ниту еден од металите што ги поседува шпанскиот рудник, а над 80% од светскиот ниобиум доаѓа од Бразил; најголемиот дел од танталот се ископува во афричките земји, а преработката на критични минерали е доминирана од Кина. Танталот и ниобиумот се означени како критични суровини од страна на Европската Унија, а сите три метали на „Пенута“ се појавуваат и на листите на критични минерали на САД и Австралија.
Директивата за критични минерали на ЕУ има за цел да ја намали зависноста на блокот од кој било поединечен странски добавувач, поставувајќи таргет дека не повеќе од 65% од годишната побарувачка на ЕУ за стратешка суровина треба да доаѓа од трета земја и се инсистира на обнова на екстракцијата и преработката во Европа до 2030 година.

