Skip to main content
Македонија

Средба на министерот Муцунски со шпанскиот државен секретар за ЕУ, Фернандо Мариано Сампедро Маркос

27/07/2026  11:44

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со Фернандо Мариано Сампедро Маркос, државен секретар за ЕУ во Министерството за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија.

Во фокусот на разговорите беа европската интеграција на Република Северна Македонија и актуелните случувања во процесот на проширување на Европската Унија. Министерот Муцунски изрази благодарност за доследната и принципиелна поддршка од Шпанија за европската перспектива на земјата, како и за нејзината посветеност проширувањето да остане меѓу стратешките приоритети на Унијата.

Муцунски ја нагласи важноста од блиска соработка и координација со Шпанија во претстојните дискусии за иднината на политиката на проширување.

„Процесот на пристапување мора да остане кредибилен, предвидлив, еднаков за сите и заснован на заслуги, со јасна крајна цел – полноправно членство во ЕУ, паралелно со унапредувањето на практичните форми на постепена интеграција”, истакна министерот.

Воедно, тој го информираше соговорникот за резултатите од спроведувањето на Реформската агенда и за посветеноста на Владата кон доследно спроведување на европските вредности и стандарди на национално ниво.

Соговорниците ја потврдија важноста од натамошно продлабочување на билатералната соработка во рамките на европските процеси, како и неопходноста од зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување и забрзување на пристапниот процес на земјата.