
Британскиот премиер, Енди Барнам, денеска изјави дека британските интереси ќе му бидат приоритет во односите со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Не можам во ниту еден момент да кажам дека нема да имам различно мислење од него, дека нема да морам да изнесам поинаква идеја, што е исправна за Британија“, изјавил Барнам во интервјуто за „Би-Би-Си“.
Новиот британски премиер рече дека јавно ќе му се спротивстави на Трамп доколку тоа биде потребно, истакнувајќи дека „мора да ги браните сопствените национални интереси пред се друго. Тоа е она што се очекува од вас ако оваа работа ја извршувате како што треба“.
Во интервјуто за британскиот јавен сервис Барнам ја отфрли можноста за предвремени избори, наведувајќи дека Британија „гласала за изборната програма“ во 2024 година.
„Нема предвремени избори. Не мислам дека луѓето ги сакаат. Мислам дека во овој момент најважно што треба да направам е да ја насочам Британија кон враќање таму каде што треба да биде“, вели тој.
Одбранбената политика беше едно од клучните прашања во интервјуто, при што премиерот одби да се изјасни за временската рамка за зголемување на трошоците за одбрана на три отсто од бруто домашниот производ (БДП).
Барнам изјави дека е „мошне свесен“ за ставот на министерот за финансии, Џон Хили, и неговата оставка од функцијата министер за одбрана во владата на Стармер по несогласувањата по тоа прашање.
„Првиот предизвик со кој се соочуваме е да обезбедиме планот за инвестиции во одбраната да биде целосно финансиран. Тоа е она што е веднаш пред нас и што мора да го решиме додека се приближуваме кон буџетот подоцна оваа година“, рече Барнам.
Хили го обвини Стармер и поранешната министерка за финансии, Рејчел Ривс, дека ја довеле безбедноста на земјата во опасност поради несогласувањата околу долгоочекуваниот план за инвестиции во одбраната.
Поранешниот премиер Стармер изјави дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана за 15 милијарди фунти.
Тоа би го ставило Обединетото Кралство на пат кон достигнување одбранбени трошоци од три отсто од БДП во следниот парламентарен мандат, но тоа и натаму би било под целта на НАТО од 3,5 отсто до 2035 година.
Се шпекулираше дека Барнам би можел да ги зголеми трошоците за одбрана за да ги исполни целите на НАТО.
Тој во средата им изјави на новинарите дека тој и Хили сакаат „да ги исполнат“ британските обврски.
