Skip to main content
Македонија

Младеновска: Дали се состана Комисијата за заразни болести додека се шири епидемијата во Гостивар? 

21/07/2026  11:10

Во интервју на телевизија 24,членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, посочи дека во услови кога бројката на заболени е голема, кога не се знае и уште колку луѓе дома се лекуваат и кога постои опасност епидемијата дополнително да се прошири, задоцнетите реакции на институциите се недозволиви, бидејќи се работи за јавно здравје.

„Зборуваме за јавно здравје. Ако во превентивната здравствена заштита не заштитиме, тогаш веќе не станува збор за политика, не станува збор за чувства или за нешто друго. Овде станува збор за јавно здравје. Темата е многу чувствителна. Ние не знаеме колку има точно заболени, меѓутоа во разговор и со лекарите во Гостивар, но и со населението, се кажува дека ова трае многу поодамна”, рече Младеновска.

Младеновска предупреди дека задоцнетото прогласување на епидемијата и бавната реакција на институциите создаваат сериозен ризик од понатамошно ширење на заразата.

„Не знаеме колку лица се лекуваат дома. Може тој број да биде многу поголем. Не сакам да шпекулирам, но е загрижувачки што има толкав број заболени и што епидемијата многу подоцна се прогласи. Тоа може да значи и дека епидемијата ќе се прошири и во другите околни места. Ние сега имаме епидемија на гастроентерит, зборуваме за епидемија во која луѓето немаат вода за пиење, луѓето не можат да се измијат, не можат да ја одржуваат личната хигиена во текот на денот. И сето тоа води до една друга состојба, која се нарекува болест на нечисти раце, односно хепатит А. Јас не сакам да го заплашувам населението, само стручно ги кажувам фактите”, рече Младеновска.

Во интервјуто, Младеновска посочи дека секој чекор што требало навреме да го преземат надлежните институции – од превенцијата до кризното менаџирање, е направен со сериозно задоцнување.

„Не се доцни еден ден, се доцни пет дена, а не смее ниту еден час да се доцни. Значи, ние мора веднаш да делуваме. Немаме одговор од ЗЕЛС. Немаме одговор од Комисијата за заразни болести. Дали се состана Комисијата за заразни болести? Јас немам таква информација. Тоа се појдовните точки од каде што треба да почнат општите и специфичните мерки. Значи, некаде државниот апарат затаил”, рече Младеновска.

Таа нагласи дека за сите пропусти кои доведоа до сериозна закана по здравјето на граѓаните мора да има целосна одговорност, а институциите да обезбедат целосна транспарентност за сите околности поврзани со епидемијата. Младеновска потенцираше дека најголемиот пропуст е што институциите дозволиле превенцијата да потфрли, наместо да реагираат навреме и да спречат ваква здравствена криза.

„Водата е основно човеково право и секој има право на достапна и безбедна вода за пиење.Ако се водиме по народната поговорка „Подобро да се спречи отколку да се лечи”, тогаш ние денес ја живееме спротивната реалност. Ние не спречивме, туку лекуваме”, рече Младеновска.