
Водата од гостиварскиот водовод не смее да се користи ниту за пиење, ниту за подготовка на храна, сè додека не завршат лабораториските анализи и не се потврди дека е безбедна за употреба, изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.
По денешната прес-конференција посветена на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Миланов информираше дека инспекциските служби на АХВ веќе спроведуваат засилени контроли кај операторите со храна, рестораните, угостителските објекти, градинките, болниците и останатите институции кои користат вода во процесот на работа.
„Рестораните и сите оператори со храна мора да обезбедат безбедна вода. Сè што доаѓа во контакт со храната, приборот и процесот на подготовка мора да биде соодветно обезбедено. Доколку се утврдат неправилности, ќе следуваат санкции“, изјави Миланов.
Тој нагласи дека забраната се однесува на употребата на водата од водоводниот систем сè до добивањето на официјалните лабораториски резултати.
Во врска со информациите од Обвинителството дека во водата биле пронајдени 2.419 колиформни бактерии на 100 милилитри, директорот на АХВ не сакаше да ги коментира конкретните бројки, посочувајќи дека случајот е предмет на истрага.
„Тоа е предмет на истрага на МВР, криминалистичката полиција и Основното јавно обвинителство. Она што секој разумен човек го знае е дека вакво нешто не смеело да се случи“, рече Миланов.
За причините за загадувањето на водата и информациите дека спорниот приклучок бил поставен за зголемување на притисокот во водоводниот систем, Миланов посочи дека конечниот одговор ќе го дадат надлежните истражни органи.
Во меѓувреме, институциите преземаат мерки за снабдување на граѓаните со безбедна вода. Според директорот на АХВ, Владата обезбедила околу 50 тони вода за Гостивар, а производителите на флаширана вода веќе ја дистрибуираат до населението.
Тој изрази очекување дека системот ќе биде исчистен во најкус можен рок и дека граѓаните наскоро повторно ќе добијат безбедна вода за пиење.

