
Метео анализа на Славчо Попоски:
Поради спуштање на ладен атмосферски фронт од север, доцна попладнево и вечерва, како и во текот на ноќта кон среда и во среда 22 јули во утринските и раните претпладневни часови во Македонија на повеќе места ќе дојде до развој на конвективни облачни грмотевични јадра и формирање на фронтални влажни и нестабилни воздушни бранови.
Во ваква ситуација, во погоре споменатиот период времето во Македонија ќе биде многу нестабилно, на повеќе места со честа појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Атмосферските процеси на повеќето места во Македонија ќе бидат значително поинтензивни и ќе има појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер ( со брзина од 50 до над 60 км/час) силни и чести електрични празнења и со појава на град.
Поради ваквата ситуација, апелирам граѓаните да бидат крајно внимателни и тоа особено при појава на силни електрични празнења и на силен ветер.
И во Скопје и околината во погоре споменатиот период времето ќе биде многу нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови о д регионот и од котлината ќе има услови за појава на невреме проследено со обилен пороен дожд, силен ветер (со брзина од 50 до над 60 км/час) силни и чести електрични празнења и со појава на град.
Максималната температура останува висока денес и таа ќе се искачува во интервалот од 32 до 39 степени, а во Скопје и околината максималната температура ќе се искачи до околу 35 степени. Меѓутоа, вечерва и во текот на ноќта кон среда 22 јули ќе започне почеток на заладување и на пад на температурите во Македонија кој најпрвин и поизразено ќе се осети во северните предели од Македонија.

