Skip to main content
Македонија

Левица: Ветува ли ДПМНЕ уривање на дивоградбите, вклучително и хотелот на Мијалков, за да бара уште шест години од УНЕСКО?

20/07/2026  14:06

Соопштение за јавност на Левица:

Владата барала од УНЕСКО да ѝ даде рок од шест години за да постапи во однос на забелешките за заштита на Охридскиот Регион за да не биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, која се предлага во најновата Нацрт-одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, а чија конечна одлука Комитетот треба да ја донесе на 22 јули во Бусан, Јужна Кореја.

Да се побараат уште шест години од УНЕСКО е признание дека државата со децении не успева да го направи она што одамна требало да биде направено. Што ќе променат тие шест години? Дали во тие шест години ќе бидат отстранети дивоградбите, дали ќе се постапи по дивоизградениот хотел на Мијалков, дали ќе се ослободи охридско крајбрежје  узурпирано од концесионери од кои голем дел со години не плаќаат концесии, дали ќе се отстранат диво поставените платформи во езерото итн. За сите овие УНЕСКО има препораки за уривање по кои до ден денес ДПМНЕ не се постапува!

Најиронично е што денес дополнително време бара политичка партија која, директно или преку коалиции, речиси три децении е клучен фактори во управувањето со државата (вклучително и со Охрид). По толку години власт, наместо резултати, повторно слушаме барања за нови рокови, ветувања и оправдувања кои повторно ќе бидат пробиени. 

Охрид не е загрозен од вчера. Предупредувањата од УНЕСКО се повторуваат со години. Во меѓувреме, дивоградбите останаа, урбанистичкиот хаос продолжи, крајбрежјето се деградираше, институциите потфрлаа, а законите селективно се применуваа. Ниту една дивоградба, вклучително и хотелот на Мијалков, не е урната, а никнуваат нови. Наместо поправање на грешките, гледаме повторување и континуитет во негрижата.

Најлесно е вината да се префрли на претходниците. Но, кога со години сте дел од власта, изговорите престануваат да бидат убедливи и одговорноста не се одложува со допис до УНЕСКО.

Секоја нова молба за пролонгирање е порака дека не сме ги научиле лекциите од сите претходни предупредувања. Наместо да бараме уште време, требаше одамна да покажеме резултати и политичка волја за доследно спроведување на законите и храброст конечно да се стави јавниот интерес пред приватниот профит.

Доколку и овојпат добиеме нова шанса, таа ќе биде последен кредит. А кредити што постојано се трошат без реформи, на крајот секогаш доаѓаат на брутална наплата.