Skip to main content
Македонија

Доктор Кочински: ЦЈЗ Тетово треба да донесе одлука за евентуално пријавување епидемија, резултатите од анализите ќе се достават до ЈО

19/07/2026  14:21

Првите пријави до ИЈЗ се доставени утрово, до денес се пријавени вкупно 140 заболени лица на пријава за заразна болест кои делумно се анкетирани, а дел се анкетираат во моментот од страна на епидемиолози од Гостивар и ИЈЗ. Се забележува пораст на стапката на заболени лица преку АЛЕРТ системот и надминување на трешхолдот на неделно ниво за територијата на Гостивар.

Ова го истакна денеска за ситуацијата во Гостивар, д-р Драган Кочински, раководител на одделот “Епидемиологија на заразни заболувања, при Институтот за јавно здравје.

-Како што споменав ние сме во комуникација со ЦЈЗ Тетово и во текот на денешниот ден ќе донесе соодветна одлука за пријавување епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција цело време се спроведуваат од сите надлежни институции, а пријавување на епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители – истакна докторот Кочински.

Тој рече дека Институтот за јавно здравје е во постојана комуникација со сите надлежни институтции – ЦЈЗ Тетово/ ПЕ Гостивар, Министерство за здравство, Јавното обвинителство, МВР, поврзано со ситуацијата во Гостивар.

-По добивање на барање од страна на Јавното обвинителство, ИЈЗ веднаш излезе на терен на посочените локации и зема примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи на вода. По враќањето на екипата, во раните утрински часови во петок, веднаш се отпочна постапката за анализа на примероците – појасни тој.

Со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот и викендов биле на работа и ги анализираат примероците. Резултатите од анализите ќе бидат доставени до барателот, Јавното обвинителство, за натамошно постапување во текот на утрешниот ден.

-Исто така, Одделот за епидемиологија е во постојана комуникација со надлежниот епидемиолог од ЦЈЗ Тетово/ ПЕ Гостивар. Од страна на ИЈЗ беа дадени насоки за епидемилошко анкетирање, земање мостри за микробиолошка анализа на пациенти со тоа што ИЈЗ се стави на располагање на ЦЈЗ Тетово/ПЕ Гостивар како за анкети, така и за анализа на мострите – информираше тој.

Притоа потсети дека Агенцијата за храна и ветеринарство на 17.07.2026 година издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека истата е загадена и небезбедна за употреба.

-Поради времената забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, на граѓаните им се препорачува да ги почитуваат следните мерки до добивање на официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба. ИЈЗ во текот на вчерашниот ден даде препораки за населението за користење на водата и превенција на заболувања кои се пренесуваат преку вода. Во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Гостивар, Институтот за јавно здравје ги ангажира сите свои стручни и лабораториски капацитети и ќе продолжи интензивно да работи до целосно утврдување на причините и надминување на состојбата – рече тој.

Во петокот, од Обвинителството рекоа дека по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава во однос на квалитетот на водата за пиење.

Оттаму додадоа дека локацијата е обезбедена по наредба на јавен обвинител и дека се очекуваат резултатите.

-Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализите и испитувањата на квалитетот на примероците од водата во гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре и да бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе се донесе одлука за натамошниот тек на постапката, а јавноста ќе биде известена. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена – информираа денеска од Обвинителството.

Инаку, како што потсетија оттаму, надлежните органи ја забранија употребата на водата до добивање на резултатите.

На 17 овој месец, по појавата на зголемен број граѓани, кои изминативе десетина дена се жалеа на стомачни тегоби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење, која се дистрибуира во градскиот водовод.