
Македонската радио-телевизија (МРТ) го комплетираше својот раководен тим откако Програмскиот совет го избра Џуљиан Шабани за нов заменик-директор на јавниот радиодифузен сервис.
Од Програмскиот совет информираат дека изборот бил спроведен во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со важечките подзаконски акти. Шабани е дипломиран во областа на администрација и менаџмент.
Во постапката за избор учествувале осум кандидати. Нивните програми за работа биле оценувани анонимно, под шифра, без членовите на Советот да имаат информации за идентитетот на кандидатите. По завршувањето на оценувањето и обезбедувањето на потребното мнозинство гласови, бил откриен идентитетот на избраниот кандидат, а потоа била извршена проверка на исполнувањето на законските услови и доставената документација.
Од Програмскиот совет посочуваат дека со изборот на Шабани е заокружен процесот на формирање на раководството на Македонската радио-телевизија, кој, како што наведуваат, бил спроведен врз основа на однапред утврдени критериуми, законски процедури и принципот на еднаков третман на сите кандидати.
Воедно, Советот очекува новоизбраниот заменик-директор активно да придонесе за унапредување на работењето на јавниот сервис, поефикасна организација на работните процеси и реализација на програмските и развојните цели на МРТ, во соработка со директорот и вработените.
Од Програмскиот совет додаваат дека и во иднина ќе продолжат да ја извршуваат својата законска и стратешка улога со цел обезбедување професионален, независен и кредибилен јавен медиумски сервис во интерес на граѓаните.
