Skip to main content
Македонија

Откако ја раскажа семејната агонија: Надлежните презедоа мерки, таткото ќе биде хоспитализиран

12/07/2026  21:18

Откако млада девојка од Куманово јавно ја сподели својата семејна драма и побара помош за себе, својата мајка, баба и братот со церебрална парализа, надлежните институции презедоа конкретни чекори за решавање на случајот.

Во видео-обраќање кое предизвика силни реакции во јавноста, таа раскажа дека со години живее во страв поради агресивното однесување на нејзиниот татко. Според нејзините тврдења, тој има проблеми со алкохол и дијагностицирани психички нарушувања, а семејството долго време безуспешно се обидувало да добие соодветна институционална помош.

„Не знам во кој век живееме, но ова лудило и оваа агонија мора да престанат. Имам брат со церебрална парализа кој живее со нас и ги има преживеано сите овие трауми“, порача девојката во своето обраќање.

Таа посочи дека во домот живеат три жени и нејзиниот брат со церебрална парализа, кои со години се соочувале со страв и неизвесност, а обидите да се обезбеди лекување и сместување за таткото често завршувале без конкретен резултат.

По силниот одѕив во јавноста, од Секторот за внатрешни работи Куманово соопштија дека случајот им е познат и дека постапуваат во координација со Основното јавно обвинителство и останатите надлежни институции.

„Лицето се спроведува во Психијатриската болница Демир Хисар, врз основа на претходно донесено решение од Основниот суд Куманово“, информираа од СВР Куманово.

Во меѓувреме, поддршка за семејството понуди и пратеничката Славјанка Петровска. Таа преку социјалните мрежи соопшти дека заедно со својот тим ќе помогне да се обезбеди привремено безбедно сместување за девојката и нејзиното семејство, како и дека ќе се обрати до општествено одговорни компании, организации и хумани граѓани со цел да се обезбеди подолгорочна поддршка и достоинствени услови за живот.

Случајот повторно ја отвори дебатата за потребата од побрза и поефикасна институционална реакција во случаи на семејно насилство и лица со сериозни психички нарушувања, особено кога во семејството има ранливи членови кои зависат од постојана грижа и заштита.