
Пратеничката Славјанка Петровска јавно понуди помош за Меланија од Куманово, која деновиве преку социјалните мрежи побара заштита за себе, својата мајка, баба и братот со церебрална парализа, тврдејќи дека со години се жртви на семејно насилство и закани.
Во објава на Фејсбук, Петровска порача дека таа и нејзиниот тим стојат на располагање и најави конкретна поддршка за семејството.
„Ќе помогнеме да се обезбеди привремено безбедно сместување за Меланија и нејзиното семејство. Воедно, ќе се обратиме и до општествено одговорни компании, организации и хумани луѓе за да обезбедиме подолгорочна поддршка и достоинствени услови за нивното секојдневие“, наведува Петровска.
Таа упати и јавен повик до Меланија.
„Меланија, те молам контактирај ме преку Фејсбук веднаш штом ќе го видиш овој статус. Сакам лично да разговараме и веднаш да почнеме да организираме конкретна помош за тебе и твоето семејство. Нема да дозволиме оваа борба да ја водите сами“, стои во нејзината објава.
Петровска нагласува дека никој не смее да остане сам кога бара помош и апелира надлежните институции итно да ги преземат сите законски мерки за заштита на семејството и спречување на евентуално ново насилство.
Случајот на Меланија предизвика силни реакции во јавноста, откако таа преку видео обраќање јавно сведочеше за долгогодишно семејно насилство и побара итна институционална заштита.


