
Иранскиот министер за надворешни работи пристигна во Оман за да разговара за аранжманите за безбеден премин на бродовите низ Ормуската Теснина, јавуваат иранските државни медиуми, додека Вашингтон бара јавно ветување за слободен и безбеден транзит.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним јави дека министерот за надворешни работи Абас Арагчи пристигнал во Оман. Оваа земја помага во посредувањето за ставање крај на војната која ја прошири небезбедноста во Заливот и ги зголеми цените ширум светот откако САД и Израел извршија воздушни напади врз Иран на 28 февруари.
Телевизиите Си-Би-Ес Њуз и Би-Би-Си јавија дека се очекува американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, да ги предводат денешните преговори со Арагчи.
Не е прецизирано дали тие ќе престојуваат во Оман или состанокот ќе се одржи виртуелно, пренесе Тајмс оф Израел. Иранската новинска агенција Фарс подоцна цитираше извор кој рекол дека нема да има никакви преговори сè додека Соединетите Држави не се повлечат од своите позиции.
