Skip to main content
Македонија

Драматично бегство од Полициската станица во Кочани – осомничен за дрога избега низ прозорец

11/07/2026  11:50

Вистинска драма се одвивала синоќа во Полициската станица во Кочани, откако 41-годишен осомничен успеал да избега од просториите каде што бил задржан. По него во моментов трагаат полициски екипи, а во тек се интензивни оперативни активности за негово пронаоѓање пишува 4news.mk

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека инцидентот се случил на 10 јули околу 20:35 часот. Станува збор за А.Л. (41) од Кочани, кој бил задржан поради сомнение за сторено кривично дело, но искористил невнимание, отворил прозорец од просторијата во која престојувал и избегал од полициската станица.

Бегството се случува само еден ден по неговото приведување во заедничка полициска акција кај виничкото село Истибања.

Имено, на 9 јули, околу 23:55 часот, полициски службеници од ОВР Кочани, ОВР Делчево и Полициското одделение Македонска Каменица сопреле патничко возило „Субару“ со кочански регистарски ознаки. Возилото го управувал Ј.Ј. (25) од Кочани, додека А.Л. бил сопатник.

При извршениот преглед на автомобилот, полицијата пронашла и одзела бела прашкаста материја, по што двајцата биле лишени од слобода и задржани.

Од МВР соопштуваат дека по пронаоѓањето на избеганиот и по целосното документирање на случајот, против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до надлежното јавно обвинителство. Во меѓувреме, потрагата по 41-годишниот кочанец продолжува.