
ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците денеска потпишаа договор за политичко партнерство, со што оваа партија официјално се приклучува кон коалицијата „Твоја Македонија“. Договорот го потпишаа лидерите Христијан Мицкоски и Зулфикар Зејнула.
Мицкоски изјави дека со приклучувањето на Демократската партија на Турците, владејачката коалиција во Собранието ќе располага со 59 пратеници.
Пратеникот Бејџан Илијас од ТДП, кој беше избран како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, пред една година ја напушти коалицијата и досега дејствуваше како независен пратеник.
„Со потпишување на договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека му претставува особено задоволство што Демократската партија на Турците станува дел од политичкото семејство на коалицијата „Твоја Македонија“, нагласувајќи дека турската заедница е нераскинлив дел од македонското општество и со децении придонесува за развојот на државата.
Мицкоски се осврна и на состојбата во опозицијата, оценувајќи дека не е задоволен од нејзината позиција.
„Не сум среќен кога гледам во каква состојба се наоѓа опозицијата. На државата ѝ е потребна силна, сериозна и конструктивна опозиција. Тоа е во интерес на демократијата, институциите и пред сè на граѓаните“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

