Skip to main content
Македонија

Собранието денеска со надзорна расправа за примената на Законот за македонскиот јазик

06/07/2026  09:19

Собраниската Комисија за култура и туризам денеска ќе одржи надзорна расправа посветена на примената на Законот за употреба на македонскиот јазик, со фокус на неговото практично спроведување и предизвиците со кои се соочуваат институциите задолжени за неговата имплементација.

На седницата се поканети претставници на надлежните институции, универзитетски професори, лектори и експерти од областа на македонскиот јазик, кои ќе ги презентираат своите согледувања за досегашната примена на законот и ќе укажат на евентуалните слабости и потреби за негово поефикасно спроведување.

Меѓу поканетите се министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на Инспекторатот за македонски јазик Менче Андреева, поранешната претседателка на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска, претседателката на Здружението на лекторите на Македонија Елизабета Бандиловска, како и претставници од академската заедница и институции кои работат на заштита, развој и афирмација на македонскиот јазик.

Надзорната расправа ќе ја отвори и затвори претседателката на Комисијата за култура и туризам, Саранда Имери-Стафаи, а во текот на седницата членовите на Комисијата и останатите пратеници ќе имаат можност да поставуваат прашања и да побараат појаснувања од присутните претставници на институциите.

Целта на расправата е да се направи сеопфатен увид во тоа како се применуваат законските одредби во пракса, дали институциите ги исполнуваат своите законски обврски и кои се најголемите предизвици во заштитата и унапредувањето на употребата на македонскиот јазик.

По завршувањето на расправата, Комисијата ќе изготви извештај што ќе биде доставен до Собранието. Доколку се утврди потреба од дополнителни мерки, ќе бидат предложени заклучоци и препораки што ќе ѝ бидат упатени на Владата за понатамошно постапување и подобрување на примената на Законот за употреба на македонскиот јазик.