
Министерството за внатрешни работи (МВР) објави јавен повик за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија „7 Мај“ за учебната 2026/2027 година. Со тоа, по пауза од 26 години, повторно се воведува средното полициско образование во државата. Последната генерација матуранти од ваков тип училиште завршила во 2000 година во тогашниот Центар „Елисие Поповски – Марко“.
Новата генерација ќе се школува под мотото „Облечи ја униформата со гордост“, а наставата ќе се реализира во Центарот за обука на МВР во Идризово. Учениците ќе следат стручна и општообразовна настава, а ќе бидат сместени во интернатски услови.
Една од најголемите предности на ова образование е што по успешно завршување на четиригодишното школување и полагањето на државната матура, Министерството за внатрешни работи на сите дипломирани ученици ќе им обезбеди вработување како полициски службеници.
Кои ученици можат да конкурираат?
Право на пријавување имаат ученици кои веќе ја завршиле втората година во кое било четиригодишно средно училиште во државата.
Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:
- да се државјани на Република Северна Македонија;
- да немаат наполнето 18 години на денот на објавување на конкурсот;
- активно да го користат македонскиот јазик;
- да се здравствено и психофизички способни, што се докажува со лекарско уверение од овластена здравствена установа;
- да имаат најмалку „добар“ општ успех во прва и втора година;
- да немаат изречени педагошки мерки во училиштето од кое доаѓаат.
Селекција во три фази
Изборот на кандидатите ќе го спроведе комисија формирана од министерот за внатрешни работи.
Процесот на селекција ќе се одвива во три фази:
- проверка на моторичките способности;
- писмен тест по општообразовни предмети;
- индивидуално интервју.
По завршувањето на сите тестирања ќе биде изготвена конечна ранг-листа според освоените бодови, која ќе биде објавена на огласната табла на училиштето и на официјалната веб-страница на МВР.
Рокот за пријавување е 15 дена
Јавниот повик е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена. Пријавите ги поднесуваат родителите или старателите на кандидатите, заедно со потребната документација.
Документите се доставуваат лично во СВР Скопје – во полициските станици Гази Баба, Бит Пазар и Карпош, како и во секторите за внатрешни работи во Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип.
Помошникот на министерот во Центарот за обука на МВР, м-р Влатко Митковски, изјави за МИА дека интересот е исклучително голем и дека секторите за внатрешни работи веќе бележат голем број пријави. Според него, се очекува силна конкуренција, а целиот процес на селекција треба да заврши до средината на август, кога избраните ученици ќе можат да ги завршат процедурите за отпишување од досегашните училишта и упис во Полициската академија „7 Мај“.
Новото Средно полициско училиште е формирано со владина одлука врз основа на Законот за средно полициско училиште, донесен во август минатата година, со цел повторно да се воспостави системот за формално средно полициско образование и да се обезбеди нов кадар за потребите на Министерството за внатрешни работи.
