Skip to main content
Македонија

Заштитете се од комарци, потврдени два случаи на западнонилска треска во Македонија

04/07/2026  17:13

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби лабораториски се потврдени два случаи на западнонилска треска, информира директорот на клиниката, Фадил Цана.

Според информациите, двајцата пациенти се хоспитализирани, се наоѓаат под постојан медицински надзор и се лекуваат согласно современите медицински протоколи.

„Нивната здравствена состојба внимателно се следи“, соопшти Цана.

Западнонилската треска е вирусно заболување што се пренесува преку убод од инфициран комарец. Во најголем број случаи, заразените немаат никакви симптоми или развиваат лесна клиничка слика. Сепак, кај мал дел од пациентите, особено кај повозрасните лица и лицата со ослабен имунитет, болеста може да предизвика сериозни невролошки компликации.

Од Универзитетската клиника за инфективни болести апелираат до граѓаните доследно да ги почитуваат мерките за лична заштита од комарци. Се препорачува користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, поставување заштитни мрежи на прозорците, како и отстранување на застојаната вода во дворовите и околината, каде што комарците најчесто се размножуваат.

Лекарите нагласуваат дека во моментов нема причина за паника, но постои потреба од зголемена претпазливост, особено во летниот период кога активноста на комарците е најголема.

Граѓаните кои по убод од комарец ќе почувствуваат висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, нарушена свест или други невролошки симптоми, треба веднаш да побараат медицинска помош.

Според последните европски извештаи, оваа сезона веќе се регистрирани случаи на западнонилска треска во повеќе земји од регионот, што дополнително ја нагласува важноста од навремена дијагностика, засилен епидемиолошки надзор и почитување на превентивните мерки.