Skip to main content
Македонија

МЗ: Сите хируршки сали на Клиничкиот центар работат непречено, нема одложување на операции

30/06/2026  14:50

Министерството за здравство информира дека во моментов сите хируршки сали во Клиничкиот центар се во целосна функција и дека нема прекин или одложување на оперативната програма.

Од клиниките за торакална хирургија, кардиохирургија, урологија, детска хирургија, пластична хирургија, дигестивна хирургија и ОРЛ соопштуваат дека непречено ги третираат сите пациенти, вклучително и пациентите предвидени за елективни оперативни зафати.

Од Министерството посочуваат дека на Клиниката за ТОАРИЛУЦ во моментов се згрижуваат итните пациенти, согласно тековната организација на работата.

Според најновите информации, резервниот (back-up) систем за климатизација функционира без проблеми и обезбедува соодветни услови за работа и третман на пациентите во клиниките.

Воедно, од Министерството појаснуваат дека намалувањето на бројот на хируршки интервенции во летниот период е вообичаена појава и не е поврзано со состојбата на системот за климатизација.

„Апелираме сите информации поврзани со функционирањето на здравствениот систем да бидат претходно проверени, со цел да се избегне создавање непотребна загриженост кај граѓаните“, наведуваат од Министерството за здравство.