Skip to main content
Македонија

Димитриевски: Македонија мора да биде европска, но да не го изгуби својот идентитет

28/06/2026  16:54

Втората панел-дискусија од националниот караван на Движење ЗНАМ претставува продолжение на непосредниот дијалог со граѓаните низ државата, со цел заедничко креирање политики за модерна, стабилна и просперитетна Македонија, соопштија од партијата.

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакна дека Македонија има јасна европска определба, но дека патот кон Европската Унија мора да биде пат на самоуверена, достоинствена и суверена држава.

„Нашиот пат кон Европа е пат на модернизација, владеење на правото, силни институции и создавање подобри услови за живот за секој граѓанин. Но, европската интеграција не смее да биде процес на губење на сопствената суштина. Македонскиот јазик, македонската култура, нашата историја и нашата државотворна традиција се темелите врз кои ја градиме иднината“, порача Димитриевски.

Тој нагласи дека вистинското државништво подразбира способност да се обедини европската перспектива со јасната свест за сопствениот идентитет.

„Европа не треба да биде простор во кој ќе се изгубиме, туку простор во кој ќе го афирмираме она што сме. Македонија може и мора да биде европска според своите стандарди, институции и вредности, но истовремено автентична според својот јазик, култура, историја и национална посебност“, истакна лидерот на ЗНАМ.

Димитриевски порача дека партијата ќе продолжи да ја гради својата политика врз принципите на одговорност, чесност и работа, со цел да ја врати довербата на граѓаните во политиката и институциите.

Според него, целта е да се изгради држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, институциите ќе бидат вистински сервис на граѓаните, а успехот ќе биде резултат на знаење, труд и посветеност.

Во рамки на панел-дискусијата свои обраќања имаа и генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев, како и потпретседателот на партијата, Борче Серафимовски.

Тие говореа за реформите во јавната администрација и земјоделството, нагласувајќи дека европската перспектива на Македонија е тесно поврзана со изградбата на професионални институции, економски развој и ефикасна администрација во служба на граѓаните.

Караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ ќе продолжи во повеќе градови низ државата како платформа за отворен разговор со граѓаните и заедничко обликување на визијата за иднината на државата.