
Одлуката за воведување ограничувања за движење во шумите не значи целосна забрана за граѓаните да влегуваат во шумски предели, туку воведување задолжителна евиденција преку издавање дозволи, појасни директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, мерката има исклучиво превентивен карактер и е насочена кон намалување на ризикот од појава и ширење на шумски пожари во периодот кога високите температури и сувото време значително ја зголемуваат опасноста од огнени стихии.
„Движењето во шума всушност не се забранува, само се воведува обврска да се извади дозвола која служи за евиденција“, изјави Ангелов.
Тој нагласи дека граѓаните и понатаму ќе можат да ги посетуваат шумските предели, но под строго утврдени правила и со задолжителна регистрација на нивното присуство во шумите.
Надлежните институции апелираат до граѓаните да бидат максимално внимателни и да избегнуваат активности кои би можеле да предизвикаат пожар на отворен простор, особено во периодот на екстремно високи температури.
Ограничувањето е донесено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со Законот за шумите и ќе се применува од 1 јули до 31 август 2026 година.


