
Соопштение за јавност на Левица:
Левица реагира дека Владата на Христијан Мицкоски, зад формулациите за „почитување на судската одлука” и „правна сигурност”, признава дека проектот „Иловица – Штука” повторно се враќа на маса и дека државата повторно го отвора патот за еден од најконтроверзните рударски проекти во историјата на Македонија.
Од партијата посочуваат дека Владата нема обврска да стане политички застапник на мултинационална рударска корпорација, ниту приватниот економски интерес да го претставува како јавен интерес.
Според Левица, со години граѓаните од Струмичко, научната јавност, еколошките организации и земјоделците предупредуваат дека отворањето на голем површински рудник за бакар и злато носи сериозни ризици за водните ресурси, земјоделското производство и животната средина. Од партијата потсетуваат дека овие предупредувања се предмет на бројни домашни и меѓународни анализи и јавни дебати. Посочуваат дека и во техничката документација за самиот проект се анализира ризикот од создавање киселински рударски дренажи, потенцијално испуштање метали и потребата од долгорочно управување со ваквите ризици за време и по затворањето на рудникот.
Од Левица оценуваат дека профитот од експлоатацијата на златото и бакарот ќе заврши кај инвеститорите и акционерите, додека потенцијалните еколошки и социјални последици ќе останат товар за граѓаните. Посочуваат дека Струмичкиот регион е еден од најзначајните земјоделски региони во државата и од неговите водни ресурси зависат илјадници семејства.
„Особено загрижува тоа што Владата уште однапред најавува дека очекува отпор од локалното население и граѓанските организации, наместо да застане во заштита на јавниот интерес. Државата не смее да настапува како гарант на корпоративните интереси, туку како заштитник на природните богатства и на интересите на сопствениот народ”, велат од Левица.
Од партијата порачуваат дека Македонија не смее повторно да стане евтина рударска колонија, додавајќи дека водата, плодната земја и здравјето на граѓаните не смеат да бидат жртвувани за профитот на мултинационални компании.


