
Во акцијата, издадени се налози за апсење на 10 лица, меѓу кои е и Сокол Бибај (43), еден од клучните членови на криминалната структура. Бибај се споменува и во аферата „Двојник“, кога македонските власти издавале македонски пасоши на познати криминалци од регионот и пошироко.
Групата дејствувала во периодот 2019–2021, воспоставувајќи канали за транспорт на кокаин од Еквадор и Колумбија кон европските пазари, главно преку пристаништата во Белгија и Холандија, објавија албански медиуми.
Обвинителството тврди дека мрежата успеала да организира транспорт на најмалку 50 тони кокаин, што случајот го прави еден од најголемите во регионот.
Во пет случаи, безбедносните служби заплениле околу 9 тони кокаин. Меѓу најголемите заплени се пратка од околу 700 килограми во Антверпен и повеќе од 2 тони во Гвајакил, Еквадор, кои биле наменети за европскиот пазар.
Истрагата открива дека криминалната организација не се занимавала само со шверц на дрога, туку и со перење пари преку легални инвестиции. Албанските власти замрзнаа и конфискуваа 491 имот и финансиски средства, проценети на околу 150 милиони евра. Запленети се и луксузни вили, хотели, деловни објекти, земјиште на крајбрежјето и стотици банкарски сметки.
Освен Сокол Бибај, меѓу осомничените се и Никола Бибај, Иса Алиу, Флоријан Мусај, Армандо Пачани, Денис Матоши, Налди Изеирај, Оклид Алиу, Дритан Ѓика и Шпетим Алиу. И Флоријан Мусај имал македонски пасош со позајмен идентитет – Наум Фило.
Дополнителна тежина на случајот даваат и пресретнатите комуникации преку криптираната платформа Sky ECC, во кои, според албанските медиуми, Сокол Бибај и неговите соработници отворено разговарале за количините дрога што можат да ги испорачуваат неделно. Во една од комуникациите се наведува и шокантната порака: „Ќе ја дрогираме Европа.“ Според албанските медиуми, Бибај на криптираната апликација Sky EC ги користел прекарите „Густи“, „Питбул“ и „Пука“.
Операцијата е резултат на долгогодишна меѓународна соработка меѓу албанските институции и партнери од Европол, Еуроџаст, британската National Crime Agency, како и безбедносните служби на Колумбија и Еквадор.
Албанските власти најавуваат дека истрагата продолжува и дека не се исклучени нови апсења и дополнителни конфискации. Акцијата против мрежата во која се споменува и Сокол Бибај се смета за силен удар врз албанските нарко-кланови, кои во последната деценија значително го проширија своето влијание во европската трговија со кокаин.
Сокол Бибај во Македонија бил баран поради поседување лажен македонски пасош издаден во рамки на аферата „Двојник“.
Тој користел македонски пасош на име „Андон Папи“, но со украден идентитет на реален македонски државјанин.

