Skip to main content
Скопје

Арсовска бара одговор од Обвинителството: До каде е истрагата за дивоградбите во Чаир?

25/06/2026  15:59

Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, јавно побара одговор од Јавното обвинителство за тоа до каде е постапката за наводните незаконски легализации на дивоградби во Општина Чаир, за случај за кој, според неа, уште пред повеќе од една година биле доставени обемни докази.

Арсовска преку барање за пристап до информации од јавен карактер побарала да биде информирана дали е оформен предмет по документацијата што Град Скопје ја доставил до Обвинителството на 31 мај 2025 година и во која фаза се наоѓа постапката.

Според нејзините тврдења, доставените материјали се однесуваат на два предмета во кои биле користени наводно фалсификувани службени исправи за легализација на бесправно изградени објекти во Чаир. Таа посочува дека во одредени решенија биле наведени потврди и документи од Град Скопје со архивски броеви кои, како што тврди, не постојат во службената евиденција на институцијата.

Арсовска наведува дека Град Скопје никогаш не издал дел од документите на кои се повикувала Општина Чаир во постапките за легализација, поради што смета дека постојат сериозни сомнежи за злоупотреби и употреба на фалсификувана документација.

Во своето барање таа побарала информации дали обвинителите презеле конкретни дејствија, дали се обезбедени оригиналните списи од Општина Чаир и од Агенцијата за катастар на недвижности, како и дали биле извршени разговори и распити со службени лица поврзани со случајот.

Поранешната градоначалничка бара одговор и на прашањето дали е донесена обвинителска одлука, дали е отворена истрага или е поднесен обвинителен акт, а доколку предметот сè уште е активен, бара детални информации за сите преземени активности во изминатиот период.

Во реакцијата, Арсовска оценува дека постои значителен јавен интерес за случајот и дека едногодишното непостапување отвора сомнежи за евентуално одолговлекување на процесот. Според неа, јавноста има право да знае дали причините за евентуалното доцнење се процесни или постојат други околности што влијаат врз динамиката на постапката.

Таа нагласува дека транспарентноста во ваквите случаи е неопходна за да се отстранат сите сомнежи за селективност и нееднаков третман при постапувањето на институциите.