
Корпусот на исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) денеска предупреди дека секој брод што поминува низ Ормуска Теснина мора да има одобрение. ИРГЦ се закани дека врз бродовите кои немаат одобрение, а ќе се обидат да поминат низ мореузот ќе бидат преземени „соодветни мерки“.
– Единствена одобрена рута за транзит низ Ормуска теснина е таа што ја објави Исламската Република Иран. Секое поминување без одобрување е неприфатливо и опасно и ќе има последици, се наведува во соопштението на ИРГЦ.
Меморандумот за разбирање помеѓу САД и Иран предвидува дека на комерцијалните бродови ќе им биде дозволено бесплатно да минуваат низ Ормуска Теснина „само 60 дена“.
Иран и Оман пред два дена соопштија дека размислуваат за наплаќање на услуги поврзани со управувањето со Ормуска Теснина. Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој е во посета на земјите од Персиски Заливот, наведе дека Вашингтон нема да прифати никакви такси за премин низ мореузот.

