
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува бензините да поевтинат за 2,5 до 3 денари, а дизелот за 7 денари, но оти конечната одлуката е на Регулаторната комисија за енергетика.
На новинарско прашање дали се очекува стабилизација на цените на бензините по мировните преговори меѓу САД и Иран и откако низ Ормускиот теснец веќе поминаа 55 бродови, Мицкоски посочи очекува во периодов цената да се движи околу 80 долари за барел.
– Бројката од 55 танкери не е нешто драматично имајќи предвид дека дневно била трицифрена. Имајте предвид дека овие танкери додека да стигнат до конечните дестинации ќе поминат можеби еден месец, а можеби и повеќе, 25 до 35 дена. Така што, очекувам во периодов цената да се движи околу 80 долари за барел, отприлика тука некаде, плус-минус некој долар. Јас стојам на ставот, нашите математики се тие, треба да ги видиме математиките на Регулаторната комисија, но очекувам поевтинување на бензините од 2,5 – 3 денари и околу 7 денари на дизелот. Но, да почекаме регулаторот, изјави Мицкоски, по учеството на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ (2026 Annual Meeting of the CEF Governing Board).


