
Иран и САД се согласија да формираат „група за управување со конфликти“ за да прекинат судирите во Либан, кои го слабеат сегашниот прекин на огнот на Блискиот Исток, соопштија посредниците Пакистан и Катар, цитирани од светските агенции.
„Страните се согласија да формираат група за управување со конфликти што ќе ги обедини страните и Република Либан и ќе биде предводена од посредниците, со цел да се обезбеди почитување на прекинот на непријателствата во Либан“, се вели во заедничка изјава на пакистанските и катарските посредници.
САД и Иран, исто така, се согласија за „патна карта“ што предвидува постигнување конечен договор за прекин на војната на Блискиот Исток во рок од 60 дена, за време на нивната прва преговарачка сесија во Швајцарија. Таа „има за цел постигнување конечен договор во рок од 60 дена, со што ќе се постави основата за итно започнување на нови технички разговори“ што ќе продолжат оваа недела во Швајцарија, стои во заедничко соопштение на владите на Пакистан и Катар.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи веќе ги пофали Пакистан и Катар за нивното посредништво по разговорите во Швајцарија, наведувајќи на Икс дека „постигнале значителен напредок“, забележуваат агенциите. Пакистан, Катар и Иран го потврдија завршувањето на првата рунда разговори на високо ниво. Немаше непосреден коментар од Соединетите Американски Држави.

