
Четириесет и тригодишен македонски државјанин го признал бруталното убиство на 45-годишната Ставрула Левендаки на грчкиот остров Крит, објавуваат грчките медиуми. По повеќечасовен интензивен распит, осомничениот детално ја опишал својата улога во злосторството, пренесува „Прототема“.
Левендаки, која била сопственичка на куќата во која осомничениот живеел како потстанар, исчезнала на 30 мај. Нејзиното тело било пронајдено утрово, закопано во нива во областа Ватолакос, на околу пет километри од нејзиниот дом.
Според исказот на осомничениот, кобниот ден меѓу него и жртвата избила жестока расправија поради материјална штета што тој ја направил во куќата. Како што тврди, кавгата ескалирала, по што ја нападнал и ја усмртил жената.
По убиството, телото го ставил во вреќа, го пренел со својот автомобил и го закопал во нива, обидувајќи се да ги прикрие трагите од злосторството.
Првичните наоди од обдукцијата покажуваат дека жртвата имала тешки повреди во пределот на градниот кош, како и силен удар во главата, најверојатно нанесен со железен предмет.
Иако осомничениот тврди дека мотивот бил расправија околу штетата во куќата, грчката полиција не ја исклучува можноста зад убиството да стои друг мотив. Истражителите проверуваат и дали злосторството можеби има сексуална позадина.
Македонскиот државјанин самиот ги одвел инспекторите до местото каде што го сокрил телото. Во областа Ватолакос кај Ханија и понатаму се врши детален форензички увид, а се собираат дополнителни докази кои треба целосно да ја расветлат оваа трагедија.
Случајот предизвика силен шок во Ханија и на целиот остров Крит, а грчката полиција во текот на денот се очекува да излезе со официјално соопштение за истрагата и доказите што доведоа до расветлување на мистериозното исчезнување кое заврши со брутално убиство.



