Skip to main content
Македонија

По четири години борба, Невена Спасеска го доби старателството над своето дете

18/06/2026  14:10

По повеќе од четири години судски постапки, укинати пресуди и повторени судења, случајот на Невена Спасеска доби правосилен епилог. Апелациониот суд во Битола ја потврди пресудата на Основниот суд во Охрид, со која малолетното дете се доверува на чување, воспитување и издржување кај мајката, додека таткото ќе има право на лични контакти со детето објани А1он

Случајот во изминатите години привлече големо внимание во јавноста, особено по одлуката детето да биде одземено од мајката, што отвори бројни дилеми околу постапувањето на институциите во предмети поврзани со родителско старателство и заштита на најдобриот интерес на детето.

Адвокатката на Невена Спасеска, Аница Цветановска, ја поздрави конечната судска одлука, оценувајќи дека по долгата правна и институционална борба е донесена законита пресуда.

„Задоволна сум од одлуките на Основниот суд во Охрид и на Апелациониот суд во Битола, кој ја потврди првостепената пресуда. По долгогодишната борба низ судските и институционалните лавиринти, конечно имаме законита одлука со која детето е доделено кај мајката. Верувам дека оваа пресуда покажува дека судовите можат да носат законити одлуки и да придонесат за враќање на довербата во правосудниот систем“, изјави Цветановска за А1он.

Во образложението на пресудата, Апелациониот суд наведува дека при донесувањето на одлуката бил земен предвид најдобриот интерес на детето, неговата адаптација во средината во која живее во Скопје, стабилноста што ја обезбедува семејниот дом кај мајката, како и развојната фаза во која се наоѓа.

Судот оценил дека Основниот суд правилно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил материјалното право, прифаќајќи го мислењето на надлежниот Центар за социјална работа и укажувањата на Врховниот суд.

Клучен пресврт во предметот се случи минатата година, кога Врховниот суд ги укина претходните пресуди со кои старателството му беше доверено на таткото. Највисокиот суд наложи повторно разгледување на случајот, укажувајќи на сериозни пропусти во претходното постапување.

Со најновата правосилна пресуда, повеќегодишната судска сага завршува во корист на мајката, која низ целиот процес тврдеше дека се бори за своето право повторно да живее со своето дете.