
Прашањето за критичните минерали повторно се најде на агендата на Самитот на Г7, каде лидерите разговараат за намалување на зависноста од увоз и зајакнување на домашното производство на стратешки суровини.
Македонија, иако располага со значајни ресурси, меѓу кои и бакарот во Иловица, засега останува без конкретен чекор кон нивно искористување. Во изминатите години повеќе рударски проекти беа стопирани или одложени, додека дебатата околу „Иловица-Штука“ продолжува.
Со капацитет за обработка од 10 милиони тони руда годишно и планирано производство од околу 16.000 тони бакар, проектот би можел да ја вклучи Македонија во глобалната трка за критични минерали, доколку институциите донесат конечна одлука за неговата иднина.
Во меѓувреме, Канада и Италија на маргините на последниот Самит на Г7 договорија заеднички да експлоатираат руди, но и да имаат обединети залихи на критични минерали. Последно, италијанската државна енергетска компанија ослободи нови сто милиони евра за поддршка на канадски рудници за минерали кои на Апенините ги нема. Партнерството беше потврдено на маргините на самитот помеѓу премиерите на Италија и Канада, Џорџа Мелони и Марк Карни.
„Тие се согласија да продолжат да работат на усвојување на рамковен договор меѓу Рим и Отава за стратешки прашања како што се одбраната, инфраструктурата, енергетиката, критичните минерали и вселената… Во однос на критичните минерали, претседателката на Владата, Мелони му се заблагодари на премиерот Карни за одлуката на Канада да ѝ се даде на Италија приоритетен пристап до нејзините залихи, со што ќе се обезбеди безбедноста на синџирите на снабдување“, соопштија од италијанската Влада.
„Лидерите ги истакнаа тековните напори за продлабочување на соработката низ низа приоритети, вклучувајќи ги критичните минерали, енергијата, одбраната и безбедните синџири на снабдување… Премиерот Карни ја поздрави намерата на Италија да соработува со Канада за складирање на критични минерали. Овие напори ќе катализираат понатамошни партнерства меѓу двете земји во енергетиката и индустријата“, истакнаа од кабинетот на канадскиот премиер Марк Карни.
Додека светот утврдува стратешки проекти во рударската индустрија, се очекува и Македонија да се усогласи со европските цели и директиви. Претходно беа презентирани нацрт текстовите на Законот за рударство и Законот за геологија, кои се уште чекаат на усвојување. Нивната цел беше усогласување со европските политики.
„Стратешките минерални суровини се сметаат за критични поради нивната висока економска важност и нивната изложеност на висок ризик за снабдување, често предизвикан од висока концентрација на понуда од неколку трети земји. Со оглед на клучната улога на многу вакви критични суровини во реализацијата на зелените и дигиталните транзиции и во светлината на нивната употреба за одбранбени и воздушни намени, побарувачката веројатно ќе се зголеми експоненцијално во наредните децении. Во исто време, ризикот од прекини во снабдувањето се зголемува во позадината на зголемените геополитички тензии и конкуренцијата во ресурсите“, се наведува во нацрт Законот за рударство.
Брисел неодамна веќе утврди 47 стратешки проекти на тлото на Унијата, односно голем број рудници, во 13 земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија, за ископ на критични минерални суровини и за нив се предвидени забрзани процедури за дозволи.
