
Поранешниот македонски репрезентативец Влатко Гроздановски во гостувањето во емисијата „Мундокаст“ направи детална анализа на актуелните случувања на Светското првенство, зборуваше за вечната дебата меѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо, но и ја отвори темата за состојбата во македонскиот младински фудбал, каде, според него, најголемиот товар врз децата доаѓа токму од родителите.
Осврнувајќи се на двете најголеми фудбалски ѕвезди на модерната ера, Гроздановски истакна дека иако Кристијано Роналдо повеќе не ја поседува препознатливата експлозивност, и понатаму претставува лидер и играч кој може да реши натпревар со еден потег.
„Роналдо е огромна мотивација за своите соиграчи. Денес игра поблиску до голот и е класичен егзекутор кој секогаш може да направи разлика“, рече Гроздановски.
За Лионел Меси, пак, имаше само пофални зборови, оценувајќи дека неговата игра е речиси без слабости.
„Меси е тимски играч кој учествува во секоја фаза од играта – асистира, ја гради акцијата, се враќа во средниот ред и секогаш носи вистински решенија. Навистина е тешко да се пронајде слабост во неговата игра“, истакна поранешниот репрезентативец.
Според него, токму Меси и Роналдо треба да бидат пример за новата генерација светски ѕвезди, како Ламин Јамал и Ерлинг Халанд, кои покрај фудбалските предизвици се соочуваат и со огромниот притисок што го носат социјалните мрежи.
Гроздановски смета дека македонската јавност често има преголеми очекувања од националниот тим, без да се создадат вистински услови за развој на нови врвни фудбалери.
„Играчите како Горан Пандев и Елиф Елмас се раѓаат. Талентот е важен, но клубовите мора многу повеќе да инвестираат во младите категории. Таму се создава иднината на репрезентацијата“, нагласи тој.
Како тренер во сопствената фудбалска школа, Гроздановски секојдневно работи со најмладите и предупредува дека најголемиот проблем денес не се децата, туку родителите.
„Нашата задача е да ги задржиме децата во спортот. Но денес родителите често се однесуваат како поголеми тренери од тренерите. Ако детето не добие доволно минути или не игра на позицијата што тие ја замислиле, веднаш го носат во друг клуб. На крајот, најмногу губат токму децата“, потенцира Гроздановски.
Тој смета дека едукацијата на родителите е еднакво важна како и тренажниот процес, бидејќи прераниот притисок и нереалните очекувања уништуваат многу таленти уште пред тие да стигнат до сениорскиот фудбал.
На крајот од разговорот, Гроздановски се присети и на своето деби во репрезентацијата и незаборавниот натпревар против Турција во 2003 година, кога како 19-годишник постигна гол против тогашната третопласирана селекција во светот.
„Кога во тунелот ги видов Емре, Баштурк, Хакан Шукур и Рушту, си помислив дали ова навистина ми се случува. Постигнав гол уште во втората минута и веднаш се опуштив. Тоа останува еден од најубавите моменти во мојата кариера“, изјави Гроздановски.


