
„Првите чекори кон енергетската транзиција во Општина Центар започнаа уште во 2023 година со формирање на ТД ‘Енергија Центар’ , првото општинско енергетско претпријатие во државата. Така ја започнавме нашата локална стратегија за енергетска независност и самоодржливост,” рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во обраќањето на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста”, во организација на Finance Think.
Тој нагласи дека стратегијата, поттикната од енергетската криза, веќе дава конкретни резултати преку реални инвестиции во училиштата и јавната инфраструктура.
Покрај реализираните фотоволтаични системи во ООУ „Киро Глигоров”, посочи Герасимовски, Општина Центар планира нови системи во ООУ „Коле Неделковски” и ООУ „Гоце Делчев” за што се обезбедни финансиски средства.
„Ефектите се многу реални: намалени трошоци за електрична енергија, поголема енергетска сигурност и поефикасно користење на јавните ресурси. Секој заштеден денар од енергијата се враќа назад во образованието, спортот, културата и услугите за граѓаните. Сакам Центар да биде препознаен како општина која не само што ги следи европските трендови, туку и ги поставува стандардите за другите локални самоуправи во државата,” рече Герасимовски.
Управителот на ТД „Енергија Центар”, Игор Бимбилоски, истакна дека процесот на енергетска транзиција носи резултати, но и одредени предизвици.
„Најчесто тие се во делот на административните процедури и координацијата со институциите, но тоа нè прави уште пофокусирани и поодлучни да продолжиме со реализација на проектите,” посочи тој.
Бимбилоски порача дека „Енергија Центар” претставува нов модел на локален развој, насочен кон поефикасно управување со енергијата и поодржлив урбан развој за идните генерации.

