
По повод Меѓународниот ден на скејтбордингот, на 21 јуни во Скопје ќе се одржи скејтбординг настан кој ќе ги обедини скејтерите и љубителите на урбаната култура за ден исполнет со возење, дружење и креативни трикови.
Настанот ќе се одржи во Градскиот парк, кај фонтаната „Лотус”, на плочникот пред споменикот на Гоце Делчев – една од најпознатите и најпосетени локации за скејтбординг во главниот град. Програмата вклучува натпревар со награден фонд од 200 евра, кој ќе биде распределен за најдобрите и најкреативните изведби.
Целта на настанот е да се одбележи Денот на скејтбордингот и да се придонесе кон понатамошен развој и заживување на локалната скејт сцена, како и поттикнување на младите да се вклучат во оваа урбана спортска култура.
Настанот е поддржан од DropIn, XMKD, Синдикат и Кантина, кои активно придонесуваат кон промоција на скејт културата и создавање подобри услови за домашните скејтери. Меѓународниот ден на скејтбордингот се одбележува секоја година на 21 јуни и е инициран во 2004 година од страна на Меѓународната асоцијација на скејтборд компании (IASC), со цел да се промовира спортот, да се обединат скејтерите и да се поттикне користењето на јавниот простор преку слободно и креативно движење.
Во Скопје, овој ден традиционално се одбележува со заеднички возења и настани низ градот, во организација на локалната скејт заедница.

