Skip to main content
Свет

Шведскиот парламент ги изгласа контроверзните закони за „добро владеење“ и „задолжително пријавување“

16/06/2026  14:46

Шведскиот парламент со тесно мнозинство од 174 гласа „за“ и 172 „против“, доцна синоќа го изгласа контроверзниот закон за „добро владеење“, како и таканаречениот „закон за задолжително пријавување“.

Новата регулатива ќе се применува за идните баратели на азил, но и ретроактивно за сегашните жители, предвидувајќи дека секој што покажува „лошо однесување“, како неплатени долгови, даночни измами или поврзаност со екстремисти, не може да остане во земјата.

„Законот за пријавување“ дополнително ги обврзува вработените во јавниот сектор да пријават во полиција доколку се сомневаат дека некое лице престојува без соодветни документи.

По острите критики од опозицијата и од организациите за човекови права поради опасност од расно профилирање, од оваа обврска беа изземени лекарите, наставниците и социјалните работници, но таа останува во сила за вработените во даночната администрација, бироата за вработување и социјалното осигурување.