
Се потврди дека се невистина тврдењата на СДСМ, затоа што нема мигранти во државава, но ќе има брза пруга, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање до каде се проектите за финансирање со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
Студиите за брзата пруга на Коридор 10, како што рече, треба да бидат готови најдоцна до јули, по што следува постапка за закон во Собранието и од есен и на терен да се почне со принципот „жолт фидик“.
– Ако мислите на Коридорот 10, беа нашите партнери од Велика Британија, беше и потенцијалниот заемодавател, беа претставници од UK Export Finance*. Разговаравме и во Владата, и во Министерството за транспорт и во Министерството за финансии. Физибилити студијата што ја прави Министерството за транспорт и студијата за оценка на влијанието врз животната средина треба да бидат завршени отприлика овој месец, а најдоцна да речеме во јули. Ако биде сè како што треба, потоа одиме со закон во Парламентот и, здравје Боже, таму од есен можеме и на терен да отпочнеме по принципот на „жолт фидик“. И нема мигранти, и нема неуспешни баратели на азил како што гледате, и повторно се потврдија невистините коишто доаѓаат од СДСМ дека се невистини, и нема да има. Сакам ова да биде јасно кажано, јасно прецизирано бидејќи требаше во април да имаме бран на такви лица – еве средина на јуни е – нема, и нема ниту да има, а ќе има брза пруга којашто ќе биде Коридорот 10 и којашто ќе ги поврзе нашата северна граница и нашата јужна граница, изјави Мицкоски, по присуство на пуштање во употреба на Домза стари лица во општина Илинден.
Во коментар на обвинувањата од пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи дека Владата манипулира со податоците за БДП, Мицкоски рече дека е факт оти според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) номиналната вредност на бруто домашниот производ во изминатите две години на актуелната Влада е за 560 милиони долари поголема отколку номиналната вредност на бруто домашниот производ за седум години на претходната Влада.
Таа додадена вредност на номиналниот бруто домашен производ, потенцира Мицкоски, е остварена со задолжување трипати помало од тоа во минатото.
-СДСМ грубо манипулира со тие податоци, но се навикнавме на невистините што доаѓаат од таму. Што е факт? И тој факт повторно не го кажува ниту Христијан Мицкоски, ниту Владата, туку тој факт го зборува Меѓународниот монетарен фонд. Ако се спореди номиналната вредност на бруто домашниот производ во овие две години на оваа Влада, ќе забележите дека таа е за 560 милиони евра долари поголем отколку номиналната вредност на бруто домашниот производ за седум години на претходната Влада. Ако го погледнете и должничкиот дел, односно јавниот и државниот долг, ќе забележите дека оваа додадена вредност на номиналниот бруто домашен производ е остварена со задолжување трипати помало отколку тоа што го направи претходната Влада. Тоа е статистика, тоа се бројки. Ако тоа го гледате како шведска маса и го извадите само тоа што ви одговара тогаш има и такви кои ќе поверуваат на невистините кои доаѓаат од СДСМ. Но, ова се бројки кои апсолутно ги потврдува и Меѓународниот монетарен фонд, вклучително и во последниот извештај којшто е историски најдобар којшто некогаш го добила Македонија откако е независна, изјави Мицкоски.


