Skip to main content
Македонија

Трајановски: Заробена држава, корупција, ниски плати – резултат на владеењето на ВМРО

13/06/2026  13:00

Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во гостување во емисијата „Трилинг” рече дека партијата има јасна визија за иднината на државата, заснована на владеење на правото, борба против корупцијата и подобар животен стандард на граѓаните.

Тој нагласи дека државата се соочува со сериозни проблеми и економски застој, при што граѓаните секојдневно чувствуваат доцнење на субвенции, социјални трансфери и поврат на ДДВ, што укажува на слабости во управувањето со јавните финансии.

„Како што поминува времето гледате дека буквално на секое поле се касни – се касни со субвенции, се касни со социјална помош, се касни со поврат на ДДВ. Ние сме земја со најмала минимална плата, земја со најмала просечна плата, и место подобри услови, денес работникот се бори со Владата. Буквално се бори со Владата”, додаде Трајановски, посочувајќи дека постои обид преку пропаганда да се прикаже подобра економска слика од реалната.

Осврнувајќи се на програмата на СДСМ „Твоја држава, твоја шанса”, Трајановски нагласи дека клучните столбови се владеење на правото, европски интеграции, економски развој, социјална правда и бескомпромисна борба против корупцијата.

Трајановски најави дека ветингот и реформите во правосудството ќе бидат меѓу првите приоритети на СДСМ.

„Ветингот што го зборуваме мислам дека е повеќе потребен од кога било. Ние сме решени тие неколку работи да бидат примарна цел по преземањето на власта. Тоа е борбата против корупцијата. Патот сме го одбрале и нема враќање назад. Борбата против корупцијата и средувањето на правосудниот систем е круцијална работа”, рече Трајановски, потенцирајќи дека реформите во правосудството и вклучувањето на европски институции во тој процес се неопходни за воспоставување на функционален и независен систем, по пример на повеќе европски држави.

Осврнувајќи се на младите и иселувањето, тој истакна дека на државата ѝ недостига функционален систем, а не систем базиран на врски и лични контакти.

„Ниските плати, недостигот од перспектива и чувството на неправда се клучни причини за иселувањето на младите. Системот не функционира и нема да функционира ако некој ме знае мене лично или знае некој функционер за да заврши работа. Тоа не е систем. Тоа е систем на врски”, рече Трајановски.