Skip to main content
Хроника

Двајца Турци приведени на влез во Македонија поради фалсификувани документи

12/06/2026  13:14

Двајца турски државјани се приведени на граничниот премин Деве Баир откако при пасошка и гранична контрола било утврдено дека приложиле фалсификувани зелени карти за товарните возила и полуприколките со кои патувале.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 11 јуни 2026 година, во периодот од 21:30 до 21:40 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Деве Баир ги лишиле од слобода Х.Х. (47) и М.Д. (47), двајцата државјани на Република Турција.

При извршените пасошки контроли и гранични проверки било констатирано дека Х.Х., кој управувал товарно возило „Ман“ со полуприколка со турски национални ознаки, и М.Д., кој управувал товарно возило „Рено“ со полуприколка, на увид доставиле фалсификувани зелени карти за возилата и приколките.

По приведувањето, двајцата биле предадени на полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, каде што се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.

По комплетирањето на документацијата, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави согласно законските прописи.