
Голем пожар попладнево избувна над Штип, при што огнената стихија зафати ридови обраснати со сува трева и грмушки. Од повеќе делови на градот се забележуваат високи огнени јазици и густ чад, додека противпожарните екипи водат интензивна битка за локализирање на пожарот.
Според првичните информации, пожарот избувнал по удар од гром во реонот над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма. Поради сувата вегетација и временските услови, огнот брзо се проширил кон ридовите над градските гробишта во Штип.
На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица – Штип со сите расположливи возила и опрема, а се преземаат мерки за спречување на понатамошното ширење на пожарот.
Во моментов нема информации за повредени лица или зафатени станбени објекти, но надлежните внимателно ја следат состојбата.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави вонредна прес-конференција на која ќе информира за текот на акцијата за гаснење на пожарот, како и за евентуалните ризици за околните населени места и мерките што ги преземаат институциите.


