Skip to main content
Македонија

Претседателката Сиљановска-Давкова на Самитот на ПСЈИЕ во Софија, на маргините билатерална средба со Јотова  

10/06/2026  09:17

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Софија ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). На маргините на состанокот претседателката ќе оствари билатерални средби претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова и со в.д. претседателката на Република Косово, Албулена Хаџиу.

Таа ќе се обрати на пленарната сесија на тема „Компас кон стабилност, безбедност и одржливост”.

Домаќин на самитот е претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова. Покрај македонската претседателка, на самитот ќе учествуват и Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, в.д. претседателката на Република Косово, Албулена Хаџиу, претседателката на Репубика Словенија, Наташа Пирц Мусар, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Владата на Република Молдавија, Александру Мунтеану, министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Герапетритис, министерот за надворешни работи и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ.

Самитот на шефови и држави претставува завршен настан од претседателството на Бугарија со ПСЈИЕ, кое земјата го презеде од Албанија во 2025 година. За време на самитот, Бугарија ќе го предаде претседателството на Романија за следниот годишен мандат.

ПСЈИЕ претставува највисок политички форум за регионална соработка во Југоисточна Европа и важна платформа за промовирање на добрососедските односи, политичкиот дијалог и европската интеграција на регионот. Иницијативата започна во 1996 година токму во Софија. Со текот на годините, бројот на земји учеснички се прошири на 13 и сега дел од ПСЈИЕ се Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора.