
Соопштение на Левица:
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека, преку писмено пратеничко прашање, побарал увид во Меморандумот за соработка во енергетиката што министерката за енергетика, Сања Божиновска, го потпишала во Вашингтон, во април годинава. Но, како што вели наместо копија од документот, од Министерството за енергетика добил одговор со „нејасни формулации за можни ограничувања, меѓународни обврски и заштита на информации”.
„Како што може да се види од одговорот министерката практично вели дека допрва ќе утврдувала дали веќе потпишан и заверен документ има карактер на доверлив документ или не”, наведува Исмаил.
Тој смета дека доколку меморандумот е во интерес на државата и граѓаните, не постои причина истиот да не биде достапен за јавноста. „Ако меморандумот е обичен документ кој е во интерес на државата и граѓаните, како што впрочем се фалеше Владата и самата министерка, тогаш нема никаква причина истиот да не биде јавно достапен”, пишува пратеникот.
Во објавата отвора и прашања поврзани со евентуалниот статус на документот и пристапот до класифицирани информации. „Но, ако постојат информации кои не смеат да бидат достапни за јавноста, тогаш природно се поставува прашањето: по кој законски основ е тоа така?”.
Исмаил се осврнува и на фактот дека министерката Божиновска поседува македонско и бугарско државјанство. Според него, тоа отвора прашања околу можноста за добивање безбедносен сертификат за пристап до евентуално класифицирани информации.
„Ако не постои можност за поседување таков сертификат, тогаш се поставува прашањето како е возможен пристап до евентуално доверливи документи, а уште повеќе и нивно потпишување”, наведува Исмаил.”
Пратеникот изразува сомнеж и околу можната содржина на меморандумот, поврзувајќи го со пошироки регионални енергетски проекти. „Се поставува и прашањето: дали овој меморандум е обичен политички документ или зад затворени врати се договараат геополитички и енергетски аранжмани кои Македонија ја претвораат во транзитна територија за туѓи интереси?”.
Понатаму потсетува и на претходно објавените информации од ЕСМ, за поднесена кривична пријава за членови во претходните управни и надзорни органи во компанијата, а поврзана со одлуки за закуп во терминалот за течен природен гас во Александрополис, посочувајќи дека досега нема информации за постапување од страна на обвинителството.
„Оттука, сосема легитимно се поставува прашањето дали евентуално се прикриваат или релативизираат случаи што би можеле да им наштетат на геополитичките и економските интереси на странски држави и нивните компании во регионот”, наведува пратеникот.
На крајот од објавата, Исмаил упатува директен повик до министерката Божиновска.
„Министерке, ако нема ништо спорно, објавете го Меморандумот”.
https://www.facebook.com/share/p/1GdV8qKSHe/


