
Иницијативата „За пристоен Капиштец“ ги повика граѓаните на мирен протест, револтирани од, како што велат, долгогодишниот проблем со прекумерната бучава, нарушувањето на јавниот ред и недоволната реакција на надлежните институции.
Протестот ќе се одржи на 11 јуни со почеток во 19:00 часот, кај кошаркарското игралиште во паркот Капиштец.
Од иницијативата посочуваат дека жителите со години се изложени на прекумерна бучава од околните угостителски објекти, безброј непроспиени ноќи поради гласна музика, како и на несовесно однесување на алкохолизирани групи кои, според нив, ја оштетуваат урбаната опрема и инвентарот во паркот.
„Додека како граѓани пријавуваме, собираме докази и бараме решение, институциите кои имаат законска обврска да го заштитат јавниот ред и мир со години дозволуваат проблемот да продолжи“, наведуваат организаторите.
Со протестот тие бараат доследно почитување на законите, ефикасни инспекциски контроли, заштита на јавниот ред и мир и создавање мирна и безбедна средина за жителите и нивните деца.
„Не бараме привилегии – бараме законите да важат за сите. Дојдете, вашето присуство е вашиот глас“, порачуваат од иницијативата „За пристоен Капиштец“.



