
Пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, преку објава на социјалните мрежи започна, како што наведува, евалуација на работата на Министерството за одбрана по изминатата половина од мандатот на актуелната Влада.
Според Петровска, првата тема на која се осврнува е состојбата со човечкиот потенцијал во Министерството за одбрана, кој, како што истакнува, претставува столб на македонскиот одбранбен систем.
Таа посочува дека, иако Владата тврди дека има економски напредок, стабилен буџет и зголемени средства за одбраната, вработените во овој сектор веќе две години немаат добиено зголемување на основната плата.
„Ако има пари за плати, инвестиции и историски резултати, тогаш зошто веќе две години не е зголемена основната плата на вработените во одбраната? Зошто нема усогласување со растот на минималната плата и со зголемените трошоци за живот?“, прашува Петровска.
Според неа, причината е отсуството на политичка волја кај министерот за одбрана да потпише решение за усогласување на вредноста на бодот, врз основа на кој се пресметуваат платите на цивилниот и армискиот персонал.
Петровска потсетува дека платите се регулирани со Законот за служба во Армијата и Законот за вработените во одбраната, а вредноста на бодот се утврдува со решение што го носи министерот за одбрана.
Таа нагласува дека за донесување ново решение се потребни политичка волја, обезбедени средства во буџетот и почитување на Законот за минимална плата.
Во објавата додава дека со континуираното зголемување на буџетот за одбраната растат и средствата за плати и за модернизација, поради што, како што вели, не е прифатливо да се вложуваат милиони евра во нова опрема, додека животниот стандард на вработените останува непроменет.
„Доста беа изговори и манипулации. Министерот за одбрана треба да покаже храброст и политичка зрелост, да се избори за реален буџет и да инвестира во одбраната таму каде што е најважно – кај луѓето кои ја носат. Пенкалото в рака и потпишете ново решение за зголемување на вредноста на бодот на вработените“, порача Петровска.


