
Вонредна прес-конференција одржа поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, откако Основниот кривичен суд му изрече затворска казна.
Јакимовски изјави дека пресудата ја смета за политички мотивирана и дека е осуден не затоа што сторил кривично дело или ја злоупотребил службената положба, туку поради, како што рече, политички причини.
„Осуден сум политички. Не затоа што сум направил кривично дело или сум ја злоупотребил својата положба и овластувања, туку затоа што на некого му пречам“, изјави Јакимовски.
Тој посочи дека предметот се однесува на две бараки поставени во дворот на Основното училиште „Лазо Трповски“, за кои тврди дека претставуваат времени објекти.
Според него, станува збор за конструкции изработени од гипс-картон и челична конструкција, кои можат да бидат демонтирани и преместени на друга локација, поради што не можат да се третираат како трајни градби.
„Цело време докажуваме дека станува збор за времени објекти. Сепак, судот донесе пресуда како да се работи за цврста градба, што според мене е неточно“, рече Јакимовски.
Тој обвини и за постоење на два фалсификувани документи во предметот, за кои, како што наведе, биле ангажирани вештаци и форензичари. Според неговите тврдења, на стручните лица не им бил овозможен целосен пристап до предметот за да утврдат кој стои зад наводните фалсификати.
Јакимовски оцени дека пресудата има политичка позадина и дека нејзината цел е да го спречи повторно да се кандидира за градоначалник на Општина Карпош на претстојните локални избори.
„Во оваа ситуација не е важно дали сте виновни или не. Очигледно постои потреба да бидам осуден и на тој начин да бидам спречен повторно да се кандидирам за градоначалник на Општина Карпош“, изјави Јакимовски.


