Skip to main content
Скопје

Усвоен ребалансот, Скопје добива нова противпожарна станица

09/06/2026  17:35

На денешната седница на Советот на Град Скопје, преку усвоениот Ребаланс на Буџетот, беа обезбедени 50 милиони денари за изградба на нова противпожарна станица за потребите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

,,Новата станица ќе биде лоцирана во општина Аеродром, во близина на Центарот за јавно здравје, и претставува значајна инвестиција во безбедноста на граѓаните и унапредувањето на условите за работа на скопските пожарникари.

Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи подобра организација на противпожарните служби, побрза реакција при интервенции, поефикасно спасување човечки животи и зголемена заштита од пожари и други вонредни ситуации во урбаните и приградските подрачја на градот.

Пожарникарите секојдневно се соочуваат со сериозни ризици во извршувањето на своите задачи и затоа заслужуваат современи услови за работа, модерна опрема и соодветна инфраструктура. Изградбата на новата станица е конкретен чекор кон целосна модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје и создавање систем кој ќе биде подготвен, брз и ефикасен кога тоа е најпотребно.

Градот Скопје изразува благодарност до сите советници кои го поддржаа овој проект и придонесоа за неговата реализација. Станува збор за инвестиција од трајно значење која директно ќе придонесе за поголема безбедност и подобар квалитет на живот на сите граѓани.

Град Скопје продолжува посветено да работи на реализација на проектите кои носат конкретни резултати и придобивки за градот и неговите жители” соопштија од Град Скопје