Skip to main content
Македонија

Силјановска-Давкова најави средба со Јотова во Софија: Нема нерешлив проблем, време е за градење доверба

08/06/2026  22:31

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова најави дека в среда во Софија ќе оствари средба со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Таа очекува разговорите да бидат продолжение на нивната претходна средба во Ереван, но и можност да се отворат суштинските прашања во односите меѓу двете земји.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Силјановска-Давкова истакна дека нема нерешливи проблеми и дека единствениот начин за напредок е преку градење доверба и поголема меѓусебна комуникација.

„Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван – едно пријатно женско говорење. Мислам дека треба да го продолжиме тоа и затоа ја споменав неопходноста од мерки за градење доверба. Ако граѓаните не контактираат, ако заеднички не учествуваме во проекти, тешко ќе се движиме напред“, рече претседателката.

Таа потсети и на својата прва средба со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, кога, како што кажа, јавноста го запаметила инцидентот со знамињата, но не и пораките за соработка што биле испратени на работниот ручек.

„Треба bona fide да се однесуваме едни кон други. Да не се навредуваме, да не се повредуваме и да се обидеме да ги мериме зборовите“, нагласи Силјановска-Давкова.

На забелешката дека остри пораки доаѓаат од двете страни, таа се согласи со оценката.

„Целосно сте во право. Од двете страни. И еве сега од двете страни има желба да се видиме“, изјави претседателката.

Осврнувајќи се на неодамнешните средби на премиерот Христијан Мицкоски со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон во Тиват, Силјановска-Давкова рече дека не сака да ги толкува нивните разговори, но откри дека премиерот ѝ пренел позитивни впечатоци.

„Само знам дека и мене ми рече дека е многу задоволен, дека односот и на Франција и на Германија е поттикнувачки и дека се чини дека има излез за Западниот Балкан, вклучувајќи нè и нас“, рече таа.

Во однос на барањата Македонија да добие гаранции дека нема да се соочи со нови блокади во евроинтегративниот процес, како и за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, претседателката оцени дека е потребно државите да покажат поголема почит кон одлуките на Судот.

Таа додаде дека очекува повеќе информации за разговорите на премиерот со европските лидери да добие на утрешната средба со Христијан Мицкоски.