
Општина Кратово попладнево соопшти дека со години е спречена да управува со локалитетот Куклица, кој е прогласен за споменик на природата, наведувајќи дека просторот е бесправно узурпиран и оти незаконски се наплаќа влез од туристите кои доаѓаат да го посетат.
„Општина Кратово и Градоначалникот се спречени да постапуваат согласно член 7 од Законот за прогласување на локалитетот „Куклица“ за споменик на природата (“Службен весник на РМ бр. 103/08”), односно да се грижат, чуваат, одржуваат и навремено да ги преземаат пропишаните техничко-заштитни и други мерки.
Причината за ова е фактот што подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држан во владение од страна на Здружение „Извор“ – Кратово, одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи.
Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња.
Во оваа насока, Општина Кратово веќе обезбеди првостепена судска пресуда П1 бр. 7/2025 од 12.03.2026 година, со која тужените Стојна Димитровска Боотх, Милош Димитровски и Здружение „Извор“ – Кратово се задолжуваат да го предадат во владение на тужителот – Општинска установа „Музеј на град Кратово“ предметниот објект со утврдени мери и граници, како и дрвената куќичка – брвнара и да го ослободат просторот од сите предмети и ствари, во рок од 15 дена од денот на правосилноста на пресудата.
Пресудата е обжалена и во моментов се наоѓа на второстепена судска инстанца. По нејзината правосилност, Општина Кратово очекува нејзино брзо и ефикасно спроведување преку овластен извршител и со поддршка на надлежните државни органи, вклучително и Министерството за внатрешни работи.
Покрај наведената парнична постапка, Општина Кратово има поднесено и повеќе кривични пријави (К.бр. 22/2026 и К.бр. 7/2027) за кривично дело узурпација на недвижности кои се уште се во работа пред надлежното обвинителство, како и голем број на пријави и писмени поднесоци до надлежни институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, каде огромен број на претставки има пратено и од страна на голем број оштетени граѓани. Меѓутоа за жал до овој момент, немаме добиено позитивни информации за превземени конкретни активности туку одредени паушални констатации.
Општина Кратово останува посветена на заштита на јавниот интерес, законитото управување со природното наследство и безбедноста на граѓаните и посетителите во рамките на своите надлежности но секако очекува поголема вклученост и ажурност и од други овластени институции“, стои во соопштението од Општина Кратово.


