
Лидерот на СДСМ во интервју за српски Недељник вели дека владата во Скопје предводена од Христијан Мицкоски користи техники што им се познати на граѓаните на Србија – корупција, притисок врз медиумите, контрола врз судството и обвинителството, како и етикетирањето „предавници“, и дека поранешниот премиер Никола Груевски освен унгарско, има и српско државјанство.
„Имаме јасни информации дека Никола Груевски има унгарско државјанство, а имаме и сознанија дека тој добил и српско државјанство.Виктор Орбан му додели унгарско државјанство во 2022 година, додека српско државјанство добил од Вучиќ, изјави Филипче за Недељник.
Тој додава дека кога станува збор за медиумите, луѓето на Орбан контролираат значаен дел од македонскиот медиумски простор, додека Вучиќ и Мицкоски координираат антиевропска пропаганда.
„Мицкоски е најблискиот сојузник на Орбан на Балканот, додека Вучиќ служи како негов заштитник. Падот на 16-годишното владеење на Виктор Орбан во Унгарија и изборната победа на Петер Маѓар сериозно ја потресоа оваа десничарска оска во регионот. Вучиќ и Мицкоски на тој начин остануваат без својот клучен политички штит.“
Филипче вели дека се што Маѓар денес го разоткрива во Унгарија и за кое најавува истраги – перење пари, контрола на медиумите, тајни афери и корупција – очекува дека ќе има директно влијание и врз Северна Македонија и врз Србија. Во врска со ситуацијата сега во Македонија, Филипче забележува дека е многу тешка. „Северна Македонија е во политичка, економска и длабока морална криза.
Владата предводена од Христијан Мицкоски спроведува систематска партиска контрола врз државата и ја зајакнува контролата врз институциите, медиумите и судството. Имаме целосна политизација на судството. Мицкоски јавно најавува истраги и судски процеси, отворено се меша во работата на обвинителството и врши притисок врз судовите и обвинителството преку медиумите и претседателот на парламентот. Економски, земјата тоне, а животниот стандард на граѓаните се влошува. Странските инвестиции се намалија за повеќе од 60 проценти, младите масовно ја напуштаат својата земја, додека граѓаните се соочуваат со зголемена сиромаштија“.
Лидерот на опозицијата во Македонија вели дека политички гледано, Мицкоски и неговото опкружување свесно ја држат Северна Македонија изолирана за да ги избегнат европските стандарди и одговорност.
„Потврда за ова дојде и од ЕУ. Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, и членовите на Комисијата за надворешни работи во својот извештај посочија на манипулации и дезинформации преку „странско злонамерно мешање и дезинформациски кампањи“, што претставува уште една силна потврда за она за што предупредуваат од СДСМ кога зборуваат за поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со СНС на Александар Вучиќ и нивните кампањи“. Во моментов нема масовни протести како во периодот од 2015 до 2016 година.
Луѓето се исцрпени и разочарани. Сепак, борбата против корупцијата постои и ја води опозицијата. СДСМ го формираше Антикорупцискиот тим (АКТ), кој досега откри големи скандали, чија вредност, вклучувајќи го и случајот со унгарскиот кредит, достигнува околу една милијарда и сто милиони евра. Поради контролата на партијата врз судството и обвинителството, ниту еден од тие случаи сè уште не добил институционален епилог.



